
Море
Сакајќи да побегне од непријателски настроената средина, која го опкружуваше, собори едно големо дрво. Му ја излупи кората и почна секојдневно да го вдлабнува. Копаше во него. Тоа сурово дрво, без душа, конечно доби лик на чамец, совршено измазнет, со пар, истотака рачно направени весли. Во него го почувствува спокојот и блискиот спас. После огромен труд ќе може да се ослободи, да отпатува некаде далеку, да побегне од мрачните сеништа. Сериозно се доближи до неговата животна кулуминација. Безброј светови се пред неговиот чамец… Само уште, да направи и море.
Тој, човекот, еден
Беше роден на 29 февруари, 19… Посебен акцент ставаше на тоа што живее во два века и милениуми и како да беше единствен кој успеал да го направи тоа. Плод на бакнежот меѓу ерите. Ќе прочита некој оглас во весниците: Уметнички предмети: Продавам кучиња со педигре, ќе промрмори. Сеуште живее со верување дека којотот еден ден ќе победи и ќе се насладува на брзата птица итрица. Од целото срце го мразеше пушењето, на целата негова штетност ја додаваше и неговата двосмисленост. Тие што не го познаваа ќе го послушаа советот: Ако ти понуди човек со брада, цигари, Речи не!
Градскиот херој со резерва ракија во задниот џеб, негираше дека студот не постои, дека е недостаток на топлина, неможе да се измери. Велеше: -Си поигруваат со нас, бушавите, лажат! На лагата и се кратки нозете. Моите измрзнаа. И можеби најверно од сите играше лото, иако знаеше дека шансите за добивање се речеси исти како на неговиот сосед кој воопшто не игра, и понатаму се надеваше дека можеби го живее токму оној од илјадниците животи.
Тој сега седи на неговото стереотипно место и очекува да го спомнат во најмногу илјада и двесте знаци. Замислете го како негативец во вашиот омилен расказ, работи како детски кошмар, како ваш синоним за пропаднат живот. Името му е изрезбано на некоја клупа…
Егзистенција
Според некои мои проценки, какви што ги правеле јунаците во авантуристичките романи, мора да сум овде веќе седумнаесет часа. Бев мокар, до гуша во густа течност, леплива, со мирис на железо, на монети. Секој мој обид да се ослободам од гломазните ткива беше неуспешен. Повторно се лизгав по слузницата на ендокардот и нурнував во црвената течност. Само на еден испакнат набор се потпирав, таму се одмарав, инаку морав на секоја секунда да вдишувам и да чекам повторно да земам воздух, а и тој беше загушлив.
На целата агонија, силните звуци и удари одекнуваа речиси неподносливо, а ѕидовите ме отфрлаа од една на друга страна-центрифугална сила. Се дерев, скокав , гребев. Ништо.
Затворен сум во мускул со големина на соба. Заробен во нејзиното срце, сега ми преостана уште една шанса, да се обидам да се искачам до некоја од артериите и да се заглавам во нив. Можеби ќе се спасам. Ме мачеше нејзината одлука, да ги донира своите органи по смртта…
Хонорарска смрт
Силен бодеж во пределот на градите. Се разлеа крв. Здивот стануваше се’ потежок. Полека се спушташте долу. Помисли на најблиските, во секунда му помина целиот живот. Болката се ширеше и го јадеше луто. Капаците се’ потешки, Веќе неможеше да ја трпи силната бела светлина, која беше заслепувачка.
Режисерот: -Сечи!
Ги исклучиа рефлекторите.
Му ја поправиjа шминката и почнаа од ново.
За некој смешен хонорар.
Фотошоп
Во ерата на дигитализација, можев да и’ се восхитувам, милувајќи го секој пиксел од нејзината слика. Толку е прекрасна и невина. Единствена е за мене, како и сите други.
Инаку во последно време ги оставив видеоигрите. Купив нов компјутер и се нафрлив на фотошоп. Полека оди, но го совладувам. Има многу упатства.
Во почетоткот е тешко да се навикнеш, премногу икони… Сега за сега ми оди добро, со почетнички грешки. Не сум јас сега, преку ноќ експерт. Тоа не може да се очекува. Интересна работа е фотошоп. Вчера ја осветлува фотографијата, за подобро да го видам ликот, денес го отсранувам од неа глупакот (после ќе го деформирам), ја упропастува фотографијата. Само уште рацете кај половината…